Тргнувањето во градинка означува чувствителен и најчесто болен момент за секој родител и дете.  Претставува крај на еден период и почеток на сосем нов и поинаков. Нашето мало дете со кое до вчера сме го поминувале целиот ден, одеднаш станува за малку поголемо, зрело и тргнува во наредна животна фаза. А, тоа носи цел низ на емоции со себе …

Кога говориме за адаптација/ прилагодување на градинка, пред неа секогаш она што нас ни е поболно, а тоа е СЕПАРАЦИЈАТА.

За детето да се адаптира на градинка или јасли , мора прво да се одвои од нас и тој процес на сепарација е всушност она што е болно. И за нас, и за детето. Колку и да има години. Сепарацијата сама по себе носи: Тага, страв, чувство дека нешто ни недостига, празнина. Ова посебно нагласено се јавува кога детето тргнува во јасли и кога детето и мајката се сеуште во најинтензивната примарна симбиоза.

Затоа, што и да чувствувате и вие и детето, тоа е нормално.

Бидете трпеливи со себе и детето во овој процес.

Она што може да ви помогне во овие моменти е :

  • Да се потсетувате себеси постојано на причините зошто сте одлучиле вашето дете да оди во градинка.
  • Дека тоа е најдобра опција за вас во овој момент.
  • Да се потсетете себеси дека го давате својот масимум во грижата за вашето дете до сега.
  • Дека ќе давате се за него и понатаму.
  • Дека сепарацијата е болна, но неопходна.
  • Дека ќе бидете тука за секоја емоција и промена која ќе се јави кај детето во овој период.
  • Дека присутно ќе бидете тука за детето, а тоа е она што е најважно.

Во овој период појачајте и други начини на грижа за себе, што и да значи тоа за вас … Се ова има за цел да нежно и трпеливо и со себе и со детето да ја поминете оваа фаза на сепарација.

По сепарацијата доаѓа периодот на адаптација или прилагодување на детето.  Просечното време на адаптација е петнаесетина дена. Не плашете се и ако ова трае нешто подолго, на некои деца им треба подолго време дури и до 6 месеци.

Видови на адаптација и фази:

Лесна адаптација – ова е нормална реакција на промената на средината кај деца кои имаат оптимални воспитни услови, добра здравствена состојба и кои имаат воспоставено сигурна и стабилна емоционална врска со родителите. Сите реакции и промени  во однесувањето поминуваат после 10-15 дена престој во градинка.

Умерено тешка адаптација –  Промените во однесувањето кај детето се поинтензивни и траат еден до два месеци после тргнувањето. Детето тешко го прифаќа одвојувањето и го одбива доаѓањето во градинка.

Тешка адаптација – Кај детето се случуваат силни, упорни и долготрајни реакции и промени во однесувањето кои траат и по неколку месеци. Вака тешка адаптација обично се случува кај деца кај кои истовремено постојат повеќе неповолни фактори кои го отежнуваат и пролонгираат овој процес. Најчести причини за тешка адаптација  се честите отсуства на детето поради нарушена здраствена состојба или нередовно доаѓање од други причини, неповолни семејни услови, несоодветен пристап на возрасните и слично.

Што го отежнува одвојувањето?

  1. Возраста на детето – Спротивно на некои вообичаени ставови во средината, помалите деца ( пред третата година) потешко ги прифаќаат промените. Колку и да изгледа дека имаат потреба од дружење, децата помали од три години всушност немаат голема потреба од тоа сигурноста на семејната средина да ја менуваат за нешто ново и непознато.
  2. Претходни искуства – во одвојување од родителите. Соодветно на возраста, обидете се детето да го навикнувате на краток престој без родители (на пример кај баба и дедо)
  3. Спротиставени ставови и пораки го збунуваат детето и ја зголемуваат вознемиреноста. Позитивен став на семејството кон градинката. Пожелно е сите членови на семејството да бидат единствени во ставот дека детето треба да оди во градинка.
  4. (Не)доверба во лицата кои се грижат за детето во градинката и соработка со нив: Позитивниот контакт на родителите со воспитувачот/негователот и постојаната интеракција дете – родител – воспитувач/неговател ја зголемува довербата и сигурноста кај детето.

КАКО ДА МУ ПОМОГНЕТЕ НА ДЕТЕТО ВО ПРВИТЕ ДЕНОВИ?

 Носете го лично Вие

Вака големата промена во животот, детето најлесно ја прифаќа кога ја чувствува сигурноста од присуството на родителот.

Престојот нека биде краток

(од 30 минути до еден час за јаслена возраст и два часа за поголема возраст) Така детето добива можност постепено да го запознава просторот, децата, воспитувачот/негователот и да ја прифати цела ситуација. Ритамот и брзината на адаптација се различни за секое дете и треба индивидуално да се прилагодат.

Носете го редовно

Редовноста ја олеснува адаптацијата. Просечното време на адаптација е петнаесетина дена. Не плашете се ако ова трае нешто подолго. Некои деца се исклучително чувствителни на промена на условите и ритамот на живеење.  Не треба да ве изненади ако после привидно брза и лесна адаптација детето “одеднаш“ почне да покажува отпор кон градинката и стане плачливо, вознемирено, нерасположено или агресивно. Станува збор за задоцнета реакција која обично се јавува по неколку дена кога времето на престој ќе се зголеми. Детето на почетокот смета дека доаѓањето во градинка е само моментално, краткотрајно и интересно искуство, се додека не сфати дека тоа ќе биде негово секојдневие во кое се случуваат и работи кои не му се допаѓаат. Сепак, кај повеќето деца периодот на адаптација минува брзо, безболно и без трајни последици.

Добро е да знаете дека…

Времето и начинот на прилагодување на детето во градинката зависи од возраста на детето, индивидуалните карактеристики, здраствената состојба и семејната атмосфера.

Во периодот на адаптација детето може:

  • Силно да протестира
  • Неутешно да плаче
  • Да одбива контакт со воспитувачот/негователот и децата
  • Да биде вознемирено и дома
  • Да одбива храна
  • Да има нарушен сон
  • Да се врати на стари навики (цуцла, цицање прст, мокрење)
  • Детето првите денови во градинка треба да го донесе родителот/старателот а не некој друг.
  • Во почетокот дозволете му на своето дете да ја понесе својата омилена играчка.
  • Не го оставајте вашето дете 8 часа уште првиот ден. Во почетокот започнете со час – два, а потоа во договор со одговорното лице на групата, постепено во зависност од реакциите на детето продолжувајте го времето на престој.
  • Разговарајте  со детето дома за градинката и што го очекува таму (другарчињата, воспитувачките, негователките, собата, играчките, храната)
  • Родителот од детето треба да се раздели смирено, стрпливо и нежно, но и одлучно, разделете се и отпоздравете го со насмевка.
  • Важно е првата недела да бидете покрај своето дете, доколку зборува, разговарајте со него за доживувањата и за чувствата поврзани со престојот во градинка.
  • Да не се инсистира да од детето да усвои нови “прифатливи“ однесувања (да се откаже од цуцла, шише, пелени)
  • Да не се носи детето во градинка кога е болно.
  • Не го заплашувајте детето со градинката, имајте позитивен став кон градинката
  • Не кажувајте лаги, дека ќе го земете за ручек а да не се појавите.
  • Почитувајте ги детските чувства.
  • Носете го редовно, редовноста ја олеснува адаптацијата.
  • Запознајте го и разговарајте со детето за редот и правилата во градинката. Подгответе го, во овие моменти пружете му љубов и внимание.
  • Во моментите надвор од градинката, практикувајте да го оставате само да си игра со другите деца без постојано ваше присуство.

Вашите зборови за децата се вистина што не се преиспитува. Поради тоа никогаш не зборувајте лошо за вашето дете за градинката или за личноста која се грижи за него додека е во градинка. Не го заплашувајте детето кога ќе направи нешто дека ќе го однесете во градинка, како тоа да е казна.

По потреба и за консултација закажете средба кај педагогот или психологот во градинката.

СРЕЌНО И ДОБРЕДОЈДОВТЕ!

Педагог: Ристова Билјана

Психолог: Мицева Александра

Психолог: Илиева Нада